ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција обвини дека компанијата „Брако“ во која во сопственичката структура се јавува вицепремиерот Кочо Анѓушев преку тендер реализиран „во четири очи“ ја снабдила со медицинска опрема во јануари оваа година психијатарската болница „Негорци” од Гевгелија.
-Договорот изнесувал 665.000 денари. Државните пари од институциите одат директно во фирмите на Кочо – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Од партијата бараат кривична и морална одговорност, за, како што велат, уште еден случај на судир на интереси.
Реагираше СДСМ од каде што обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ повторно се служи со измислени тези и дека е против работата на домашните фирми и прашуваат дали опозициската партија се залага за затварање на домашните компании.
-Помина времето на политички формирани белизе фирми кои беа заштитен знак за криминалната ВМРО-ДПМНЕ. Сега се е транспарентно и на увид на граѓаните. Граѓаните знаат дека вицепремиерот Кочо Анѓушев дојде на фунакција како предлог на бизнис заедницата и го декарираше потеклото на имот. Со стапување на функцијата го испочитува законот во целост, се повлече од управувачките функции и ја продаде компанијата каде беше 100 отсто сопственик, се вели во соопштението.