Румена Бужаровска на писателска резиденција во Ајова

377

Писателката и активистка за правата на жените Румена Бужаровска ќе учествува во Есенската резиденција на Меѓународната програма за пишување (МПП) при Универзитетот во Ајова, САД, која почнува на 18 август.

Универзитетот во Ајова е водечкиот американски центар за креативно пишување. Неговата програма што им овозможува неколкумесечен престој на писатели од различни земји е најстарата и најголема мултинационална резиденциска програма во светот.

Основана во 1967, МПП во Ајова им била домаќин на повеќе од 1.400 писатели од 150 земји, овозможувајќи им да се запознаат со најновите текови во американската книжевност преку разговори, читања и средби со познати американски писатели како, на пример, Курт Вонегат, Рејмонд Карвер и Џон Чивер.

МПП е посветена на вклучувачка книжевна и културна размена, па Бужаровска ќе се најде на список учесници што досега ги вбројува Луиза Валенцуела (учесничка од Аргентина, во 1969), Томаж Шаламун (Словенија, 1971), Беси Хед (Боцвана, 1977), Ерл Ловелејс (Тринидад, 1980), Орхан Памук (Турција, 1985) и Беи Дао (Кина, 1988).

Меѓу другите македонски автори што учествувале во програмата се Владимир Мартиновски (2017), Никола Маџиров (2008) и Лидија Димковска (2005).

Румена Бужаровска (Скопје, 1981) има објавено три книги, кои се преведени и објавени и на неколку странски јазици. Нејзината збирка раскази „Мојот маж“, која ја освои наградата „Едо Будиша“ за најдобра збирка раскази во 2016, во 2019 ќе биде објавена на англиски од издавачот „Далки прес“ во САД.

Прогласена во 2016 за еден од Десетте нови гласови од Европа на коишто треба да им се обрне внимание, Бужаровска е и професорка, книжевна истражувачка, уредничка, преведувачка и една од водечките активистки за правата на жените коишто го организираа националното феминистичко движење #СегаКажувам.

Во друштво на 35 меѓународни учесници на МПП, Бужаровска ќе работи на своите следни книжевни и истражувачки проекти. Целосната програма, која опфаќа дискусии, универзитетски предавања на тема „Меѓународната книжевност денес“, и Фестивалот на книгата во Ајова Сити, ќе трае од 18 август до 6 ноември 2018.

Бужаровска учествува на писателската резиденција во Ајова благодарение на Бирото за образование и култура при Стејт департментот на САД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...