Излегува од печат романот „Бележникот на татко ми“

187

Романот „Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија Кадер Абдолах ќе излезе од печат во издание на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Станува збор за историски роман што преку религиско-љубовни алузии ни ја доловува Персија од бајките. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска.

Кога бил дете, глувонемиот Ага Акбар, непризнат син на персиски благородник, отпатувал со вујко си до една света планина во длабочините на Персија, која криела мистериозна пештера. Во неа се наоѓал релјеф издлабен со клинесто писмо, стар три илјади години, од времето на првиот персиски крал. За да се ослободи од она што го чувствувал, малиот Ага Акбар создал сопствено писмо од овие симболи, со кое страсно пишувал за својот живот, за своето семејство, за емоциите и за општествените промени што се случувале во неговата земја. Создал личен дневник што само тој можел да го разбере.

Години подоцна, неговиот син Ишмаел живее како политички дисидент во егзил. Обидувајќи се да го дешифрира наследениот бележник, тој ги раскажува не само татковата судбина како селски поправач на килими туку и својата приказна на политички активист во судир со властите во земјата во која е роден, но и приказната на Иран од XX век. И ниту една од овие приказни не може некого да остави рамнодушен.

Воодушевувачки амбициозен роман за патувањето на една култура кон современието и чудесна и безвременска хроника за вечната љубов на синот кон таткото.

Книгата е објавена со поддршка на Холандскиот литературен фонд.

Кадер Абдолах (1954) е ирански писател што пишува и на холандски јазик. Неговото вистинско име е Хосеин Саџади Гемагами Фарахани. Тајно ја проучувал западната литература и го осознавал поимот за слободата. Како студент по физика во Техеран, пишувал за еден нелегален весник и тајно објавил две збирки раскази под псевдонимот Кадер Абдолах. На холандската литературна сцена дебитирал во 1993 година. Делата на Абдолах се преведени на повеќе од 20 јазици.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...