Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство почна со порибување на риболовните води во земјава, кои во моментов немаат концесионер. Денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на порибување на акумулацијата „Глобочица“.
Оваа акумулација се пориби со 40 килограми или 8 000 единки подмладок од речна пастрмка и со 1.700 единки крап. Денеска ќе се изврши порибување и на риболовниот ревир „Црн Дрим 2“ со 20 килограми речна пастрмка. Во текот на утрешниот ден ќе се порибат останатите риболовни води предвидени во планот.
– Целта е зачувување и заштита на автохтоните видови риби во речните води, како и одржување на популацијата на риби во оние риболовни води кои не се доделени на концесија. За оваа намена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно законските одредби, во годишните Програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата предвидува финансиска средства за порибување на водите без концесионер со подмладок од пастрмка и крап. Во годинешната Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за порибување на риболовните води без концесионер се обезбедени 300 илјади денари со кои ќе изврши порибување со вкупно 150 килограми подмладок од речна пастрмка, или околу 30.000 единки и 350 килограми подмладок од крап, односно околу од 2.350 единки – изјави Николовски.
За реализација на порибувањето МЗШВ има потпишано договор за обезбедување порибителен материјал и порибување на води без концесионер со подмладок од пастрмка со репроцентарот ЗЗ Охридска риба- Струга за подмладок од речна пастрмка и со репроцентарот Акватика ДООЕЛ – Неготино за подмладок од крап.
Обезбедените количини се наменети за порибување со пастрмка на Акумулацијата “Глобочица“, риболовните ревири “Црн Дрим 2“, “Охридски слив“, “Треска 1 – Кичевски регион“ и “Црна река 1 – Демирхисарски регион“. А со крап ќе бидат порибени Акумулациите “Глобочица“ и “Ратево“.
Инаку, постапката за доделување на концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов на овие риболовни води е во тек и се очекува да биде финализирана до крајот на месец септември. Со доделувањето на рибите на концесија за организирање рекреативен риболов, обврската за порибување како и физичката заштита на рибите во риболовните води ќе бидат обврска на идниот концесионер.
Покрај риболовните води без концесионер, МЗШВ во годинешната Програма за финансиска поддршка, има предвидено мерки и обезбедено средства за порибување на риболовните подрачја Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, како и за риболовната зона Акумулација Шпилје. За сите овие се издвоени 7.7 милиони денари. Во таа насока, утре покрај во водите без концесионер, ќе се изврши порибувањето и на акумулацијата Шпиље со подмладок од пастрмка, како обврска на МЗШВ за порибување на риболовните зони.