На 37-то издание на најстариот и воедно еден од најпрестижните фестивали во Њујорк, од 15-ти до 19-ти август на „Battery Dance Festival“, учество ќе земе Скопје танцовиот театар.
Свеченото отворање на годинешниот фестивал ќе се одржи во паркот „Вагнер“, покрај реката Хадсон, додека пак затворањето ќе се игра во центaрот „Шимел“, двете локации се наоѓаат во Менхетен. Фестивалот кој се одржува на повеќе локации на отворена и затворена сцена, за времетраењето од една седмица го посетуваат повеќе од 12.000 посетители, а гостуваат компании од сите делови на светот.
Скопје танцовиот театар е единствената компанија кој учествува и ја претставува не само Македонија туку и целиот регион на овој престижен фестивал. Оваа година, Скопје танцовиот театар на фестивалот ќе учествува со кореографијата на Матеа Киселичка, насловена „Истиот извор“, а која е предвидено да се одигра на 16-ти август на отворената сцена во паркот „Вагнер“. На 17-ти август во „Battery Dance Studio” на Бродвеј, Рисима Рисимкин, заедно со членовите на Скопјe тaнцовиот театар ќе одржи работилница за професионални танчери. На 18-ти август во „Шимел“ центарот, како дел од програмата на затворањето нa фестивалот, ќе биде изведена кореографијата „Котел“ на Рисима Рисимкин, изведена на музика од Тони Китановски. Костимите за двете кореографии се со потпис на костимографот Благој Мицевски, а во изведбата учествуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Јована Зајкова, Бобан Русески и Сара Цветковска.
Поканата да се учествува на еден ваков престижен фестивал во Њујорк, уште познат и како град кој е центaрот на светот на уметноста, и можноста да се претстават продукциите на Скопје танцовиот театар како дел од современата култура во Македонија, е извонредно признание за нашите уметници. Скопје танцовиот театар е прва танцова компанија од Македонија која гостува на вака високо уметничко ниво во Њујорк. Гостувањето на Скопје танцовиот театар е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје.
Скопје танцовиот театар имаше извонредна година, која ја завршува со гостувањето на овој престижен фестивал во Њујорк. Покрај ова, компанијата имаше чест да се претстави и на „Maritime Silk Road“ фестивалот во Чуанџо, Кина, како и на извонредниот „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија. Со овие настапи Скопје танцовиот театар го потврдува извонредниот квалитет кој го поседува и се вбројува во компании кои имаат можност да настапуваат на светски реномирани фестивали. Скопје танцовиот театар е единствена современа танцова компанија во Македонија која работи во континуитет од своето оформување во 2011-та година, под уметничко водство на македонскиот кореограф Рисима Рисимкин.