Глупавиот министер и неговата риба

Кај се видело министер да поднесе оставка зашто отишол на одмор со службен мобилен телефон во небезбедна земја, а згора на тоа, со себе си ја понел и својата љубовница? Во Норвешка.

3773

Еве една многу поучна вест за нашата влада и особено за оној нејзин дел што се грижи за безбедносните протоколи и за појавноста и имиџот на нејзините членови.
Норвешкиот министер за рибарство, Пер Сандберг, поднел оставка, откако признал дека ги прекршил владините правила за сигурносен протокол за време на одморот во Иран. Типот не ги информирал колегите каде оди на одмор, а со себе го зел и службениот телефон, што, замислете, не било дозволено.

Колегава „рибар“ бил критикуван и внатре во својата антиимигрантска партија Напредок, бидејќи со себе на одмор ја повел и својата 28-годишна љубовница, која е родена во Иран, а добила норвешко државјанство пред десет години.
Добро, ова со рибава веројатно е десничарско претерување, но Норвешка сепак е сериозна држава, во која сите министри мора да ја известат премиерката каде патуваат на одмор и при тоа не смеат да користат службени телефони во земји со кои Норвешка нема безбедносна соработка.

Е сега, некој ќе праша – каква врска има ова со Македонија? Секаква и никаква.
Кај нас, на владините службеници традиционално им недостасува култура поврзана со извршувањето на нивните јавни функции. Секаква, па и безбедносна. Иронично или не, засега најголема безбедносна култура покажува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој побарал и добил државно обезбедување. Како што треба.

Македонските фраери од власта, пак, како што гледаме, на одмор патуваат и со службени возила. Остај службените телефони, не знам како им успева да се разделат и од фотелјите (макар и на кратко) и зошто и нив не ги носат со себе. Особено оние од поновата генерација што сега се купуваат, таканаречените анти-шок фотелји.
А каде и со кого летуваат министрите, е тоа го дознаваме од медиумите. Поточно, од парамедиумите. И сите, а особено дечурлаанава што сега ја откри радоста да се ужива во благодетите на власта, се фалат на Фејсбук и се сликаат за Инстаграм.

Тоа е. Живот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...