Претседателот на Партијата за демократско дејствување (ПВД) од Прешевската Долина, Риза Халими смета дека можното припојување на оваа територија со Косово би претставувало исполнување на дамнешните амбиции на Албанците од тој регион, но има резерви за времето во кое се појави овој предлог, јави дописникот на МИА од Приштина.
Халими во интервју за денешниот број на „Коха Диторе“ истакнува дека, наместо од косовскиот претседател Хашим Тачи, овој предлог требаше да потекне од косовското Собрание, како орган со полн демократски легитимитет.
– Актуелниот предлог е нејасен, непрецизен и неконкретизиран во поглед на чекорите, кои треба да се преземат и начинот на реализација – изјави лидерот на ПДВ.
Тој бара во финалната фаза на преговорите меѓу Приштина и Белград во Брисел, каде се очекува да се разговара за Прешевска Долина, да учествува и еден нејзин претставник.
Сегашниот предлог, според Халими, е во извесна смисла парадоксален, имајќи ги предвид принципите на Контакт групата за неменливост на границите.
– Останува отворена опасноста, доколку Косово ги прекрши овие принципи, преседанот да се искористи од Република Српска, која одамна бара отцепување од Босна и Херцеговина, изјави Халими, кого весникот го претставува како „ветеран на политичката сцена во Прешевската Долина“.
Халими инисистира на тоа „да се разјасни актуелниот предлог“ и вели дека Албанците од регионот на Прешево, Медвеѓе и Бујановец се непоколебливи во барањето да се зачува територијалниот интегритет на Долината, независно од тоа каков договор ќе постигнат Косово и Србија.