Инвазија од шимширови молци на Матка (ГАЛЕРИЈА)

Пеперутките се лепат и за возилата и на тој начин се пренесуваат секаде каде што се движат граѓаните кои со своите автомобили поминале низ рекреативниот центар Матка.

1129

Втора година по ред, во август месец, на Матка и околните села во големи јата се појавуваат бели пеперутки со кафени рабови, познати како шимширови молци. Жителите се жалат дека навечер не можат да седат на тераса ниту во двор поради наездата од пеперутки кои кружат околу вклучените светилки.

– Не смееме светилка на тераса да вклучиме поради нив. А се пикаат и внатре во собите. Многу ги има. Се закачуваат на ѕидовите, на таванот. Ги има во цвеќињата, во бавчите, секаде и преку цел ден – се жалат жители на Матка.

Некои од нив се сомневаат дека овие пеперутки се дојдени со лош расад. Како и да е, од лани нагло се исушиле шимширите во дворовите, а и годинава сѐ уште се исушени. Матка е место каде има доста шимшири, дел од нив се насадени во дворовите, а најголем дел се никнати сами на околните ридови.

Гасениците од шимшировиот молец се кријат во внатрешноста на шимширот, ги јадат листот, кората и гранчињата. Женката живее 8 дена и за тоа време ги полага јајцата на шимширот. Чаурите се прават со лепење на листовите со помош на пајажината што ја лачат. За да се уништи шимшировиот молец, се користат хемиски и биолошки средства, како и корнење и палење на грмушките.

Пресудно е рано да се открие неговото присуство меѓу гранките на растението.
Гасениците од овој молец ги јадат осите, а птиците ги јадат пеперутките. Ако се користи хемиско средство треба да се прска директно во растението и под силен притисок, кога нема пајажина, зашто таа го спречува дејството на препаратот. Плакнење на грмушките со силен млаз вода исто така дава резултат.

Жителите на Матка и околните села се жалат дека локалните власти со години не прскаат против комарци или други инсекти во тој крај.

Некои од жителите се обиделе да прскаат со средства против инсекти, но велат дека тоа не ги уништува пеперутките, зашто нив ги има насекаде.

– Ги има и преку ден. Кога ќе влеземе во градината, тие нагло излегуваат од под листовите на доматите, тиквичките, цвеќињата… – велат жители.

Пеперутките се лепат и за возилата и на тој начин се пренесуваат секаде каде што се движат граѓаните кои со своите автомобили поминале низ рекреативниот центар Матка.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...