За септември договорена нова средба на лидерите на двете Кореи

Севернокорејскиот претставник денешната средба ја оцени како разговори меѓу многу блиски пријател.

43

Високи претставници на Јужна и Северна Кореја денеска на средба во местото Панмунџом во демилитаризираната зона меѓу двете земји, се договорија во септември да се одржи третата по ред средба на јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Двајцата лидери првпат се сретнаа во април годинава, за потоа да одржат и неформални разговори во текот на мај, на кои се договорија да се сретнат одново во текот на престојнава есен.

Јужнокорејската делегација на средбата беше предводена од министерот за обединување Чо Мјунг-гјун, а севернокорејската од раководителот на Комисијата за меѓукорејските односи Ри Сон-гвон.

Севернокорејскиот претставник денешната средба ја оцени како разговори меѓу многу блиски пријатели, меѓу кои не може да се препречи ништо, додека јужнокорејскиот министер нагласи дека дошол со намера на разговорите да бидат постигнати добри резултати.

– Ќе ги сослушаме позициите на Северот за меѓукорејската средба на врвот во текот на оваа есен, за што беше постигнат договор со декларацијата од Панмунџом и ќе ги изнесеме нашите ставови, нагласи Чо пред средбата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...