Блаже Миневски е автор на наградениот расказ „Потфрлување на топката“

134

Блаже Миневски, новинар, раскажувач и драматург е автор на расказот „Потфрлување на топката“ што беше избран за најдобар на конкурсот за наградата „Живко Чинго“ кој традиционално го распишува општина Охрид.

Членовите на комисијата што ги оценуваа трудовите образложија дека „Потфрлување на топката“ бил избран за најдобар во конкуренција на 50 други пријавени раскази.

Со повеќе пригодни манифестации Охрид и оваа година ќе ја одбележи годишнината од раѓањето и упокојувањето на својот голем писател и раскажувач Живко Чинго. Библиотека „Григор Прличев“ по тој повод организира изложба на дела на Чинго, што ќе биде отворена на 13 август – датумот на неговото заминување од овој свет.

Истата вечер во дворот на црквата „Света Петка“ во родното место на Чинго – Велгошти ќе се одржи и манифестацијата „Вечер на Чинго“, на која ќе му биде врачена и наградата на годинашниот лауреат Блаже Миневски.

Миневски е автор и на романите „Јас, Тито и Мики Маус“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Свирци“, „Црна лисица“, „Мемоарите на една млечка“, „Љубовникот на Ленин“ и „Нишан“. За романот „Нишан“ ја доби наградата “Стале Попов“, “Роман на годината“ и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“, а за романот „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје. Освен седумте романи, Миневски има објавено и неколку книги раскази, меѓу кои „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“, за која го доби престижното „Рациново признание“.

Романите „Јас, Тито и Мики Маус“ и „Нишан“ се преведени и објавени на српски јазик во Белград, а романите „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Мемоарите на една млечка“ се преведени и објавени на бугарски јазик во Софија. Романот „Нишан“ е преведен и објавен на англиски, ерменски, словенечки, арапски, кинески, полски и италијански јазик.

Блаже Миневски е застапен е во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните дваесетина година, а негови раскази се преведени на дваесетина странски јазици. Миневски и минатата година ја доби нагрдата „Живо Чинго“ за расказ „Во рогот на волот“.

Живко Чинго е роден на 13 август 1935 г. во село Велгошти, Охридско. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Чинго се упокои на 11 август 1987 година.

Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесетите години. Уште во своите први раскази, објавени во периодиката, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази „Пасквелија“ било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот. Првата збирка раскази „Пасквелија“ издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази „Нова Пасквелија“ која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца „Сребрени снегови“, а во 1971 година и својот втор роман „Големата вода“ по која е снимен и истоимениот догометражен филм. Книгата раскази „Вљубен дух“ била објавена во 1976 година на српскохрватски јазик.

Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...