Приведувањето на поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, беше навестено. Неодамна и државните ревизори открија злоупотреби во неговото работење. Претресот во неговиот дом, приведувањето и натамошната постапка, природно, предизвикуваат и допрва ќе предизвикуваат различни реакции – од „општонародна радост“ до обвинувања дека станува збор за политички реваншизам. И тоа е очекувано. Тоа е таа наша апсанџиска традиција, што почна пред режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кулминираше за време на страховладата на Груевски, а и сега уживаме во нејзините „придобивки“.
Сепак, да не ја потценуваме и реалноста. А таа, реалноста, е растечкиот гнев на народот од долгодишните грабежи, од заобиколувањето на правдата и особено од толерирањето на криминалот, корупцијата и на злоупотребите. Во такви околности, кога станува збор за третманот на ваквите информации во јавноста, извесна доза на претерување, црн хумор, па дури и ситење, ако баш сакате, се дозволени. Но, ова само под услов на сите засегнати страни да им се даде можност да го кажат своето мислење. И при тоа да се внимава на основните правила на новинарската етика, која налага да не се крши претпоставката на невиноста и секогаш јасно да се соопшти статусот на лицата во постапката (не е исто дали некој е осомничен, под истрага, обвинет, осуден или правосилно осуден).
Затоа, јас навистина не ги разбирам нервозните повици на Јакимовски и на неговите бранители, како и на сите други кои се или во иднина ќе бидат осомничени и приведувани, да не им се дава збор и можност да кажат сѐ што наумиле, па дури и тоа дека се жртви на политички прогон. Да се прифатат таквите повици значи да се заведе цензура, а тоа е цена што не смееме да ја платиме во битката против криминалот. Како што повредите на процедурите и на постапките во институциите не се цена што смееме да ја платиме, за тие наводно да станеле „поефикасни“ и да ги исполнат нашите очекувања.
Она што навистина треба да направи многу сериозна и видлива разлика меѓу поведението на оваа власт и дивеењето на претходната, е токму одлучноста бескомпромисно да се спроведе словото на законот, без оглед кој е засегнат. Кога е правдата во прашање, не смее да има „наши“ и „нивни“. Во ред, можам да се согласам дека некаква разлика веќе е направена, но барам таа да биде многу порадикална и повидлива. А тоа е можно само со бескомпромисно почитување на процедурите и на постапките, дури и тогаш – и особено тогаш! – кога тие се во интерес на осомничените, на обвинетите, на осудените.
Само така правдата гордо ќе се огледува и во ѕвезденото небо над нас и во моралниот закон во нас, што би рекол Кант.