Се преполовуваат лихварските трошоци за брзите кредити

Со законските измени се овозможува законот да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој закон, додека кај потрошувачите се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата.

846

Граѓаните кои ќе земат „брз кредит“ од финансиските друштва во иднина ќе плаќаат пониски вкупни годишни трошоци за 55 отсто од сегашните. Ова го предвидуваат измените на Законот за потрошувачи чиј текст е поставен на Националниот електронски систем за регулатива (ЕНЕР).

Порано годишните трошоци не беа ограничени и достигнуваа и до 500 отсто од кредитот. Со измените се опфаќаат и мали кредити под 200 евра кои претходно не беа третирани во законот.

Така, ако сега за земен кредит од 12.000 денари на два-три месеци, граѓаните требаа да вратат 36.000 денари со стапување на сила на измените на Законот ќе треба да вратат 18.000 денари.

– За да ги заштитиме граѓаните, а воедно и да го намалиме ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ги направивме овие законски измени. Со нив се намалуваат и вкупните трошоци за кредитите. Со измена на Законот сега вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55 отсто, или 5 пати по стапката на казнената камата од 11 отсто. За споредба, претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума трошоци од главнината – изјави заменик министерката за финансии Ширет Елези.

Таа денеска се сретна со претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Марија Лончар, која по средбата изјави дека е изненадена од брзата реакција на Министерството за финансии на нивната иницијатива за измени на Законот за потрошувачи во делот на брзите кредити.

– Оваа измена е особено важна за сите нас како потрошувачи од причина што се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци за потрошувачки кредити. Поволно за потрошувачите е тоа што со законските измени се овозможува законот да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој закон, додека кај потрошувачите се создава заблуда затоа што најчесто овие кредити се рекламираат како кредити без камата, а всушност пресметаните трошоци претставуваат скриена камата – рече Лончар.

Таа апелираше измените да бидат што побргу усвоени и да почнат да се применуваат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...