Властите на САД треба да обезбедат одредени податоци, а Москва ќе биде подготвена да ги испита и да разговара за нив.
Рускиот претседател Владимир Путин порача дека неговата земја никогаш нема да испорача ниту еден од 13-те Руси обвинети од САД за мешање во американските избори.
Русија „не ги испорачува своите граѓани”, рече Путин, осврнувајќи се на рускиот устав со кој се забранува екстрадиција на руски државјани во други држави.
Во изјава за Ен-Би-Си њуз, Путин рече дека 13-те Руси „не ја претставуваат руската држава” или руските власти, потенцирајќи дека „нема идеја” што направиле тие.
Путин наведе дека властите на САД треба да обезбедат одредени податоци и дека Москва ќе биде подготвена да ги испита и да разговара за нив.
Руски медиуми вчера пренесоа делови од интервјуто на Путин на Ен-Би-Си, наведувајќи дека рускиот претседател рекол дека Русија мора прво да ги анализира доказите за вината на обвинети во САД за мешање во претседателските избори во 2016 година, и дека потоа ќе донесе независна одлука за тоа дали се виновни или не.
Вашингтон ја обвини Москва за мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, а истрагата за наводно мешање е во тек под покровителство на ФБИ, специјализирани комитети за разузнавање во американскиот Сенат и Претставничкиот дом, како и вработените на специјалниот обвинител Роберт Мјулер.
Претседателот на САД, Доналд Трамп во неколку наврати ги отфрли обвинувањата за заговор со руски делегати за време на изборната трка.