Црногорската Влада ги демантираше тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека црногорскиот премиер Душко Марковиќ, за време на престојот во Белград во 2017 година ветил дека Црна Гора ќе води сметка за интересите на Србија пред важните и значајни датуми.
-Премиерот Душко Марковиќ минатата година ништо не му ветил на претседателот на Србија Александар Вучиќ, туку само зборуваше за унапредување на положбата на српската заедница во Црна Гора – соопшти Владата во Подгорица за Телевизија Црна Гора.
Во таа смисла, Марковиќ рекол дека Црна Гора и неговата Влада ќе бидат силно посветени за зачувување и унапредување на положбата на српската заедница, но и „внимателен однос кон она што се гласови или незадоволство и забелешки кои доаѓаат од српската заедница“.
Марковиќ, тогаш на Вучиќ, потсетува ТВЦГ, му рекол дека со него и со српската Влада сака искрено да разговараат за тие прашања, додавајќи дека за таков дијалог не се потребни посредници, ниту политички платформи на која било партија.
Реакцијата на црногорската Влада доаѓа откако Вучиќ пред два дена иронично се заблагодари на Црна Гора што води сметка за српските интереси по присуството на црногорски полковник на прославата на „Бура“ во Книн.
На прашањето како го коментира присуството на црногорски воени функционери во Книн, Вучиќ рече дека марковиќ лани во Белград му ветил дека Црна Гора ќе води сметка за интересите на Србија пред важни и значајни датуми.
– Ви благодарам пријатели како водите смета за Србија и српскиот народ и нашите интереси, иронично рече српскиот претседател.