Васо Ристов – нов генерален директор на Македонската опера и балет

М-р Ристов има стекнато доверба како професор на пет универзитети во Македонија и надвор од неа.

621

Професорот и продекан на Факултетот за музичка уметност во Скопје, м-р Васо Ристов е избран за генерален директор на Македонската опера и балет – Скопје.

Ристов е истакнат уметник, кој зад себе има богата меѓународна професионална кариера. Има дипломирано на ФМУ во Скопје, а магистерските студии ги продолжува на музичката академија Панчо Владигеров – Софија, Бугарија, а потоа и специјализација на ФМУ – Прага, Република Чешка.

Има долгогодишно искуство во менаџирање на оперска и балетска уметност, музичко сценски изведби, музички настани и натпревари. Тој е и педагог со 33 години стаж во сценско музичката дејност во Република Македонија (1998 до денес) и развивање кадри за музичката култура во земјата и надвор од неа. Од 1986 до 2010 е вработен во МОБ како прв трубач солист, потоа уметнички директор на Операта (2005 – 2006).

Продекан е за настава на ФМУ Скопје Универзитет „Св. Кирил и Методиј” (2016 до денес). Организира настава, испити, концерти и натпревари за млади музичари и актуелен музички селектор на фестивалот Охридско лето 2018, член на Здружението на музичко балетски педагози, претседател на асоцијација на дувачки оркестри во Македонија и член на асоцијацијата за југоисточна Европа за дувачки оркестри.

М-р Ристов има стекнато доверба како професор на пет универзитети во Македонија и надвор од неа: Факултет за музичка уметност, Скопје, Државен Универзитет Тетово, Универзитет Гоце Делчев – Штип, Универзитет во Приштина и Факултетот за уметност во Митровица.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...