Кога Британката Џенифер Ешвуд дознала дека е бремена, не можела ни да сонува дека нејзината бременост ќе биде редок случај – еден во 500 милиони. Џенифер била известена дека е бремена со близнаци, кои се зачнати во две различни матки.
Сепак, триесет и едногодишната Џенифер на свет ги донела ќеркичката Попи и синчето Пиран, а породувањето било изведено со царски рез, при што секое од бебињата било извадено од посебна матка. Попи и Пиран се родиле во 34-тата недела од бременоста.
Лекарите на ултразвук откриле Џенифер има конгенитална аномалија на матката кога таа била во 20-тата недела од бременоста. Оваа жена веќе ја има и осумгодишната ќерка Мили, но претходно никој не бил свесен за нејзината состојба и не ѝ посочил дека има две матки.
Повеќето жени со ваква медицинска состојба имаат 60 отсто шанси за нормално породување и носат бебе во едната матка. Но, во случајот на Џенифер, таа носела два плода во двете матки.
Кај Џенифер Ешвуд конкретно станува збор за конгенитална аномалија наречена двојна матка. Иако се смета дека оваа состојба поретко влијае врз можноста на жената да забремени, има влијание врз исходот на бременоста, затоа што постои голем ризик за спонтан абортус или предвремено породување. Дијагнозата може да се потврди со ултразвук, лапароскопија и хистероскопија. Најчесто се третира инвазивно, со хируршка интервенција.
Кога Џенифер дознала дека ја има оваа ретка состојба, се исплашила. Лекарите ја известиле за можните ризици. Жената одела на прегледи секоја недела.
Работите, раскажала Џенифер, добро се одвивале, сè до 28-та недела од бременоста кога добила породилни болки. Но лекарите ѝ дале лекови за да го одложат процесот на породување. Жената повторно добила болки во 34-тата недела од бременоста, кога и ги родила близнаците.