Карлос Антонио Сантамарија Диаз ќе биде првиот студент на таа возраст што се запишал на врвниот Националниот автономен универзитет во Мексико (УНАМ), потврди таа установа.
Факултетот е еден меѓу најпрестижните во Латинска Америка, а момчето го почна својот прв семестар на 6 август. На факултетот, Карлос приемниот тест го положил со 105 од можни 109 бодови.
Дванаесетгодишното момче сега ќе студира медицинска физика и биофизика на Универзитетот во Мексико Сити.
– Само сакам да студирам, ако ми ја затворат вратата, ќе влезам низ прозорецот – вели малиот Карлос.
Талент, разигран, срамежлив
Карлос, кој живее во мало гратче 90 километри оддалечено од главниот град, е добро познат во универзитетот. Во 2015 година соработувал во проекти по аналитичка хемија, биохемија и молекурална биологија.
– Приемниот испит беше тежок, бидејќи сè уште добро не сум ги совладал интегралите во математиката – признал Карло, кој поради својот талент и интелигенција ги „претрчал“ основното и средното образование.
Инаку, момчето обожава видеоигри, а универзитетот го опишал најмладиот бруцош како „студент со големи когнитивни способности, разигран и срамежлив“.
Освен што Карлос Антонио Сантамариа Диаз има талент и е амбициозно дете, за своето досегашно достигнување тој им е неизмерно благодарен на своите родители.
– Родителите направија повеќе од мене, тие подготвија сè, а јас само учев и ги положував испитите – скромно заклучува Карлос.
Тој објаснил дека и покрај тоа што испитот бил тежок, најголем предизвик всушност било неговите родители да ги убедат институциите да му дозволат на дете да ги полага завршните тестови за основно и за средно образование на рана возраст.
Исто така, Карлос изјавил и дека тој веќе има неколку академски проекти што се во тек во областа на биохемијата, вклучително и за реконструкција на клетка и лекување болести.
Прашан за тајната на неговиот успех, Карлос изјавил:
– Многу учење, никогаш не смееш да речеш дека нешто не може да се заврши, секогаш постои начин.
Дванаесетгодишникот исто така изјавил дека би сакал да им помогне на повеќе деца како него, да им покаже како би можеле да продолжат да се образуваат.