Време е да се свртиме кон дигиталната трансформација

Токму дигиталната трансформација може да биде приликата да се одговори на некои од клучните структурни, економски, политички и социјални предизвици со кои се соочува македонското општество, како впрочем и целиот регион.

319

Македонските компании секојдневно се соочуваат со предизвиците на дигиталната трансформација и потребата да се користат дигитални технологии за да се забрза нивниот раст, како и да се иновираат процесите, производите и услугите, со цел истите да се приспособат на новите генерации потрошувачи.

Од аспект на технологија, Македонија е солидно позиционирана на мапата за аутсорсинг на технолошки решенија. Но способноста за аутсорсинг не секогаш произведува иновации. Оттука, македонскиот талент за технолошки иновации треба подобро да се подготви и потоа да се искористи за развој на оригинални производи и решенија, наместо ниско-платени интелектуални услуги. Ваквите оригинални производи и решенија треба да се базираат на тнр.. “паметни” технологии, како cloud, big data, blockchain, AI, IoT, 3D printing, machine learning, роботи/дронови и слични, и да се применат најпрво на домашниот, а потоа и на странските пазари. Напредните технолошки решенија, во комбинација со бизнис вештини за развој на производи и услуги, управување, пристап до пазари, маркетинг и други „меки” вештини, се неопходни услови за успех на македонските компании. Токму овие прашања беа централна точка на Самитот на малите земји – Нови трендови во бизнисот, кој Стопанската комора на Македонија го организираше во март оваа година, и на кој први во регионот отворивме дискусија за овие прашања.

Податоците говорат дека токму дигитализацијата може да биде клучниот импулс на спроведување на процесот на реиндустријализација на македонската економија, кој ни е неопходно потребен – впрочем процесот на дигиталната трансформација може да биде креатор на економскиот раст, затоа што статистиката покажува дека 10-процентен раст на индексот на дигитализација значи 0,63 отсто раст на БДП. Уште повеќе, унапредувањето на процесот на дигиталната трансформација се поврзува со директен раст во индустријата – и тоа раст од 2,12 отсто на продуктивноста, и раст од 1,16 отсто на вработувањето. Дури и пошироко – токму дигиталната трансформација може да биде приликата да се одговори на некои од клучните структурни, економски, политички и социјални предизвици со кои се соочува македонското општество, како впрочем и целиот регион.

Затоа, со сите сили треба да се свртиме кон обезбедување на поддршка за создавање и одржливост на дигитален иновациски екосистем, кој ќе го олесни транзицискиот напор од тнр. „водена-од-ефикасност” до „водена-од-иновации” економија, и ќе го унапреди македонскиот иновациски профил од „скромен” преку „просечен” до „силен”. Иницијативата долгорочно може да овозможи отворање на нови работни места, намалување на стапката на невработеност кај младите (втора највисока во Европа) и одливот на кадри (brain-drain), како и зголемен раст и развој на македонската економија.

 

 

П.С. Процесот на дигитална трансформација опфаќа многу повеќе од купување нова автоматизирана машина или отварање на on-line продавница – најопшто земено, дигиталната трансформација вклучува интегрирање на дигитални технологии во сите аспекти на деловното работење, што треба да резултира во клучни промени во начинот на кој бизнисот функционира (производите, процесите, но и начинот на кој луѓето се вклучени во тоа).

Авторот е претседател на Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...