Дополнително се зголеми бројот на загинати во пожарите во источниот дел на областа Атика, откако 35 годишна жена, денеска им подлегна на повредите во една од атинските болници.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, со тоа бројот на официјално идентификувани жртви се искачи на 86 лица, од кои 81 идентификувани во Дирекцијата за криминални истраги на грчката полиција, а петмина починаа во болниците, додека пак постојат и две неидентификувани тела со достапна ДНК, но кои никој од нивните роднини не ги побарал.
Жената која денеска почина е сопругата на пожарникарот која се бореше за живот, а во пожарите го загуби и шестмесечното бебе, а за чија трагична судбина објави МИА минатата сабота.
Големиот интензитет на пожарите кои речиси во исто време избија и во западниот и во источниот дел на областа Атика, го прекинаа годишниот одмор на пожарникарот, кој бил итно повикан на работа. Додека тој се борел со огнените јазици и спасувал луѓе, го загубил неговото шестмесечено дете, а неговата сопруга, со тешки повреди, беше пренесена во болница.
Според грчките медиуми, бебето беше првата идентификувана жртва во катастрофалните пожари.