„Поетското и есеистичкото послание на Блаже Конески“ е насловот на новата книга на Веле Смилевски, објавена во издание на „Дијалог“ од Скопје.
Книгата се појавува по повод 30-годишнината од објавувањето на тестаменталната стихозбирка „Посланија“ на Блаже Конески, едно од најзначајните остварувања во современата македонска поезија.
Во студијата на Веле Смилевски одредницата послание е поврзувачката компонента во синтетизирањето на значењата и пораките од поетското и есеистичкото творештво на Конески.
Станува збор за истражувања и анализи врз кои се толкуваат спецификите на литературното творештво на Блаже Конески од аспектите кои укажуваат на допирните точки и преплетувања меѓу неговата есеистика и поезија.
Во посебен оддел, под наслов „Зборот“, книгата донесува избор песни кои се карактеристични за толкувачкиот пристап кон поезијата на Конески, како и факсимили на песни напишани од раката на поетот.