Најновите статистички податоци според кои индустриското производство во јуни годинава, во однос на јуни лани е поголемо за 12,1 отсто, покажуваат дека владините политики се движат во добра насока и е потребно трпение да се почувствуваат добрите ефекти од страна на граѓаните, рече на денешната прес-конференција вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Според него, кога на овие податоци за индустриското производство, им се додадат податоците за растот на платите и извозот ќе се добие целосната слика дека состојбата во економијата постепено се стабилизира.
– Економијата се мери со бројки, а не со политизирање. Индустрискиот раст во јуни од 12,1 отсто е максимален раст забележан во последно време. Тоа покажува дека мерките што ги прави Владата се добри и се на долг рок, а потврда е и растот на индустријата од пет отсто за првите шест месеци од годинава во однос на истиот период лани, како и растот од 7,1 отсто на просечната плата во мај, што сега изнесува 24.500 денари – рече Анѓушев.
Тој го презентира и податокот дека во периодот од јануари до мај 2018 година има раст и на извозот за 14,1 отсто.
Сепак, рече тој, потребно трпение, а бројките ќе дојдат сами по себе. Сето тоа ќе го почувствуваат и граѓаните, бидејќи веќе нема измислени проекти, туку реални проекти.
-Нема веќе непродуктивни трошења, нема нефокусирани и измислени проекти. Има само проекти кои треба да доведат во нормала и проекти кои даваат и ќе даваат резултати. Требаше да се осмисли владината политика во делот на економијата, a преку имплементацијата на Законот за финансиска поддршка и Среднорочната програма за поддршка на мали и средни претпријатија резултатите неминовно ќе дојдат – рече Анѓушев.