Министерот за економија Крешник Бектеши закажа прес конференција во очекување владата на Косово целосно ја повлече одлуката за зголемените царини на земјоделските производи.
Косово претходно делумно ја повлече одлуката, односно ги врати царините за одделни производи, но на листата со високи цаини останаа главно производите што ги увезува од Македонија.
Косово донесе времена мерка што стапи во сила на 18 јули годинава со најава дека ќе трае три месеци и ќе важи за сите земји извознички на овошје и зеленчук во Косово. Со мерката царините за овој вид производи се зголемија 30 отсто.
Одлуката предизвика реакции кај трговците и производителите од двете земји, како и кај земјите од регионот.
И Европската комисија вчера изрази жалење што одлуката е укината само за земјите од ЕУ, а уште важи за останатите во регионот, поради што го повика Косово да се однесува конструктивно и да ја реши ситуацијата без одлагање.
„Жалиме што заштитните мерки остануваат на сила за другите земји, вклучувајќи ги и регионалните партнери во ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка. Затоа, ЕК итно го повикува Косово да се однесува конструктивно и да ја реши ситуацијата без одлагање, особено со оглед дека моментно претседава со ЦЕФТА“, наведе ЕК во реакцијата.
Извозот од македонска страна од 18 јули е речиси стопиран, а штетите поради нереализираниот пласман и падот на цените на домашното производство се бројат во милиони евра.
Државата до денеска не воведе контра-мерки, а ваквиот чекор наиде на одобрување и од стопанството, како и од земјоделците.
Некои од земјоделците излегоа со конкретен предлог – Македонија да ги блокира границите за увоз во мај и јуни кога продукцијата на градинарските производи е најголема и на тој начин да го заштити домашното производство.
Од Националната федерација на фармери, пак, оценија дека ваквата ситуација со Косово уште еднаш потврди дека пласманот е се уште една од најслабите карики на македонското земјоделство.