Само 0,56 отсто од обработливото земјиште во Македонија во моментов отпаѓа на растително органско производство, а проекциите до 2020 година, согласно стратегијата за рурален развој, се четири проценти.
Овие бројки, како што беше речено на денешната промоција на најновата студија за органско производство, се поразителни и покрај интензивните политики и активности на речиси сите засегнати страни во секторот.
Во сточарството состојбата е нешто поинаква. Лани 3,57 отсто од производството било органско што е речиси четири проценти, колку што изнесува и проекцијата за 2020 година.
– Од 2013 до 2017 година има удвојување на животните и пчелите во органското производство. За разлика од тоа, површините се намалуваат. Охрабрувачки е што расте бројот на фармери и во моментов изнесува 680, но загрижува тоа што фармите за органско се намалуваат, а тоа не зборува дека расте нивната конкурентност, туку напротив, дека се намалува – рече Александар Николов од Асоцијацијата „ЗЕНИТ“.
Организацијата на потрошувачи (ОПМ), укажа на потребата од следење на најновата европска регулатива за органско поризводство што беше донесена во мај годинава, а ќе почне да се спроведува од 1 јануари 2021 година. Регулативата предвидува низа олеснување, за производителите меѓу кои групно сертицифирање што ќе овозможи и пониски трошоци, мешани фарми-за органско и конвенционално производство, како и избегнување на годишните контроли односно нивно спроведување на секои две години.
– Практично се рационализира регулативата за поголем степен на премин од конвенционално во органско производство – истакна Маријана Лончар Велкова од ОПМ.
На денешната промоција на студијата „Органската храна поблиску до потрошувачите“, беше нагласена потребата од здружување на органските производители, поагресивна кампања на нивните производи, како и обезбедување посебни тезги на зелените пазари и посебни места во маркетите со цел поголема видливост на органските производи за потрошувачите.
– Светските искуства покажуваат дека подем на органското производство настанува кога производите ќе станат стока за широка потрошувачка, односно кога ќе дојдат до маркетите и пазарите – порача Николов.
Една од препораките беше и дека е неопходен ажуриран, систематизиран регистар на органски производители и компаративно тестирање на производите.
Став на производителите е дека националните планови и стратегиите за органското производство не треба да се прават во канцеларија, со минимално учество на производителите, туку со комплетна проценка и земање во предвид на состојбите од терен.
Некои се пожалија на неможноста да аплицираат за субвенции зашто на своите фарми покрај органско имаат и конвенцнално производство.
Претставникот од Државниот инспекторат за земјоделство ја истакна потребата од поголема поддршка на малите производители за сертицифирање на нивните производи.