Колку чинеше справувањето со „Јазлестата кожа“ во 2016 година?

Само за првите 28 епидемии од јазлеста кожа потрошила 6,7 милиони евра.

106

Земјава во 2016 година само за првите 28 епидемии од јазлеста кожа потрошила 6,7 милиони евра. Ова го покажува студијата „Економски трошоци од појава на болеста Јазлеста кожата во три балкански земји: Албанија, Бугарија и Македонија (2016-2017)” на Организацијата за храна и земјодлество на ООН (ФАО).

Во студијата, меѓутоа нема податоци за тоа колку вкупно земјава потрошила за справување со болеста и какви се штетите што ги имаа земјоделците поради доцнењето на вакцината.

„Во Бугарија, која ги отстрани погодените стада, имаше највисоки вкупни трошоци за контрола на болеста, од 8,6 милиони евра.Во Албанија, пак, каде што воопшто не се применуваше отстранување на заболените стада, трошокот за контрола на болеста изнесуваше 5,3 милиони евра. Таму погодените животни беа третирани, а владата им компензираше на земјоделците со увезен добиток“, се посочува во студијата.

Специјалистот на ФАО за здравје на животните Даниел Белтран-Алкрудо, ко-автор на студијата вели дека постојат различни пристапи и алатки за да се реагира на болеста.

– Секоја земја може да избере различна комбинација од нив, како што можеме да видиме од случаите презентирани во студијата. Таквите одлуки стануваат поосновани ако се пресметаат трошоците за преземање или пак непреземање на одредени активности – вели тој.

Од потрошени  20,9 милиони евра вкупно во трите земји за две години, најскапи биле вакцините, надоместоците за земјоделците за излечени и мртви животни и – во Бугарија – воздушната дезинфекција (фумигација). Во 2016 година се потрошени 16,6 милиони евра, бидејќи тогаш и се ширеше болеста низ целиот балкански регион.

„Оваа болест значително се намали во 2017 година, што може да се припише на контролните мерки, особено на вакцинацијата“, се констатира во студијата.

Во 2017 година (податоци до октомври) трошоците изнесуваа 4 милиони евра.

„Според нашите податоци, просечната цена на погоденото стадо во 2016 година изнесуваше 869 евра, 6.994 евра и 3.071 евра во Албанија, Бугарија и Поранешна Југословенска Република Македонија, соодветно. Трошоците за животно во погодените стада биле 539, 147 и 258 евра, соодветно“ се наведува во студијата.

Податоците и искуствата добиени од анализата на случувањата во трите балкански земји, наведуваат од ФАО, ќе се користат и кај другите земји.

Организацијата за храна и земјодлество на ООН  развива и алатка (т.е. упатства и табеларни пресметки) која ќе им помага на земјите да вршат анализа на трошоци и користи за справување со епидемии на болести кај животните. Алатката е во процес на развој и ќе се применува за сите болести кај добитокот и животните.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...