Македонија чека Косово да се смилува и да ги тргне зештитните царински мерки

Македонските стопанственици и производители остануваат на ставот дека одлуката на Косово треба што поскоро да се повлече зашто штетите се големи, а Македонија да не воведува контра мерки. 

125

Неизвесно дали и кога Косово целосно ќе ја повлече одлуката за зголемените царини на земјоделските производи.

Утре, косовската Влада треба да одржи седница на која ќе се разгледаат аргументите што во петокот министерот за економија Крешник Бектеши му ги пренесе на косовскиот колега Бајрам Хасани.

Бектеши на состанокот со Хасани во Приштина ги предочи штетите од косовската времена мерка и изрази надеж дека дека во најсокоро време Македонија и Косово ќе ја продолжат досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни.

„Ќе го почекаме исходот од утрешната седница на Владата на Косово“, е денешниот кус одговор од Министерството за економија.

И Министерството за земјоделство се повикува на утрешната владина седница на Косово. 

Македонските стопанственици и производители остануваат на ставот дека одлуката на Косово треба што поскоро да се повлече зашто штетите се големи, а Македонија да не воведува контра мерки.

– Македонската Влада можеби треба да размислува за заштита на домашното производство особено во периодот мај-јуни кога продукцијата на нашите градинарски производи е најголема. Тогаш да се блокират границите за увозниците – вели Ристо Велков од Сојуз-синдикат на земјоделски производители во Струмичко.

Според извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија Дрилон Исени, штетите во извозот и натаму се бројат, нема промени во ставот на Комората дека Косово мора да ја преиспита одлуката и да се најде заедничко прифатливо решение.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...