Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе престојува во државна посета на Германија, најверојатно до крајот на септември, објави денеска весникот „Билд“, цитирајќи владини извори во Берлин и Анкара.
Тоа ќе биде прва официјална посета на Ердоган во Германија од 2014 годин, и прва откако стана претседател.
Плановите за посетата, како што пишува весникот, се одраз на напорите за подобрување на односите меѓу Германија и Турција. Тие се влошија поради низа спорови околу строгите мерки преземени од страна на турските власти по неуспешниот државен удар во 2016 година и притворањето германски граѓани и новинари.
Во јануари, поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел рече дека тој и неговиот колега Мевлут Чавушоглу се согласиле да сторат сé што е во нивна моќ за да ги подобрат односите меѓу двете држави, како сојузници во НАТО и трговски партнери.
Засега нема официјална потврда ниту од германска, ниту од турска страна.