Продолжувањето на американските санкции кон Русија, Кремљ ги оцени како „незаконски и штетни“ во време кога односите помеѓу Москва и Вашингтон се на многу ниско ниво.
– Никогаш не сме биле иницијатори на таквите санкции. Ги сметаме за незаконски и штетни не само за народите на двете земји туку и за целиот свет – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
САД воведоа економски санкции кон Москва по руската анексија на црноморскиот полуостров Крим во 2014 година и подоцна поради судирите помеѓу украинските сили и руските бунтовници во источна Украина. Санкциите вчера се продолжени за една година по налог на американскиот претседател Доналд Трамп.
Таквата одлука е донесена еден ден по говорот на рускиот претседател Владимир Путин во Парламентот, при што тој ги презентираше новите воени достигнувања на земјата и „непобедливото“ оружје, што го поседува.
Иако Путин нагласи дека тоа оружје не претставува закана по никого, американските власти реагираа и ја обвинија Русија дека ги крши меѓународните обврски за вооружувањето.
Русија и САД имаат спротиставени ставови и за решавање на сириската криза.