Во Термоелектраната „Осломеј“ најверојатно ќе се гради котел на висококалоричен јаглен што ќе се увезува, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев одговарајќи на пратеничко прашање, и додаде дека при изградбата ќе бидат имплементирани сите стандарди од аспект на екологијата.
– Во меѓувреме „Осломеј“ за да го намали притисокот на цената на електрична енергија во ЕЛЕМ , односно да ги намали загубите од 12 до 16 милиони евра на годишно ниво, ќе работи одреден период во годината кога ќе има најголема потреба за електрична енергија и притоа ќе се внимава на сите еколошки стандарди, односно електростатските филтри кои се инсталирани да бидат во функција – рече Анѓушев.
Станува збор, како што појасни, за краткорочно работење во наредниот период, а долгорочната стратегија мора да биде со градење нов котел со сите еколошки стандарди.
Анѓушев посочи дека според сите анализи што се направени од Работната група, како и според мислењата на домашните и странските експерти состојбата да се направи реконструкција на постојниот котел нема да даде надеж на работата и затоа најверојатно ќе се изгради нов котел што ќе ги задоволува највисоките стандарди.
– Во регионот на Кичево повеќе нема доволно јаглен за експлоатација, односно местата каде што има јаглен за експлоатација се појавива под куќи и имоти коишто не можат да бидат уништени за да може да продолжи да работи копот – рече Анѓушев.
Населението во Кичево и Кичевско, како што додаде, треба да биде мирно, бидејќи нема да биде нарушена нивната приватност на имотот, а од друга страна нема да биде нарушена животната средина во однос на загадувањето.
Термоелектраната „Осломеј“, како што истакна Анѓушев, во претходните години не работеше воопшто, а оваа година работеше многу малку трудејќи се да ја намали загубата која ја прати.