Доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите и малините, се уште се опфатени со времената одлука на Косово за зголемени царини. Не беа дел од земјоделските култури кои се изземаа со завчерашната, нова одлука на косовските власти, а токму на нив отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.
Веднаш и целосно да се укине косовската одлука за зголемените царини, побара вчера по состанокот во Белград министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Министерот за економија, пак, Крешник Бектеши, најави средба со својот косовски колега во петок.
– Внимателно, претпазливо заедно со властите на Косово овие неколку дена постојано сме во комуникација. Сметам дека енергијата која ја дадовме до сега вроди со плод. Вчера на Владина седница, Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но, со оглед на тоа дека на сила се мерки за зголемена царина за дел од производи за кои Македонија има извоз во моментов, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш – изјави Николовски вчера во Белград.
Николовски и неговите колеги од регионот го повикаа Косово, не делумно, туку целосно да ја повлече одлуката. Договорија и секоја земја да си го задржи правото да презема свои мерки и политики во функција на заштита на домашното производство. Воедно се согласија да се формира оперативно тело кое ќе работи на ефикасно решавање и укинување на сите трговски бариери во регионот, се до стапување на сила на Додатниот протокол 7 од ЦЕФТА Договорот, кој предвидува механизми за решавање спорови.
Министерот Љајиќ апелира сите членки на ЦЕФТА договорот да работат на укинување и отстранување на трговските бариери спротивни на принципите на слободната трговија.
Времената мерка што ја воведе Косово, стапи во сила на 18 јули и треба да трае три месеци. Се однесува на сите земји кои извезуваат на косовскиот пазар, а предвидува 30 отсто повисоки царини за земјоделските производи.
Штетите од македонска страна по само неколку дена од примената на оваа мерка се бројат во милиони евра зашто извоз на овошје и зеленчук речиси воопшто не се реализира. Стопанствениците апелираат на што поскоро изнаоѓање решение кое ќе биде од интерес на двете страни, но се против воведување контра-мерки зашто тоа, сметаат, ќе и наштети на целата економија. Вчера се огласи и Националната федерација на фармери со став дека косовската одлука, освен што предизвика повеќекратни штети, покажа и дека пласманот на производите е еден од најголемите проблеми на македонското земјоделство.
Косово е ретка земја со која Македонија има суфицит во меѓусебната надворешна размена. Во првите месеци од годинава е реализиран извоз од 100 милиони долари.