Оксана Шачко (31), една од основачките на украинската протестна група Фемен, завчера била пронајдена мртва во нејзиниот стан во Париз со самоубиствена порака до телото.
Ина Шевченко, уште една активистка на Фемен, ја потврди веста за смртта на Шачко во изјава за британски „Гардијан“.
Шачко е една од четирите девојки кои ја формираа групата Фемен во 2008 година и набргу станаа познати по нивните протести во кои истрчуваа пред политичари со пораки испишани на нивните разголени тела. Рускиот претседател Владимир Путин беше особено честа цел на групата.
Во 2011 година Шачко била грабната од страна на белоруската полиција откако протестирале против претседателот Александар Лукашенко. Од групата тврдат дека полицајците ги соблекле трите девојки и ги полиле со бензин, заканувајќи им се дека ќе ги запалат во шума. Адвокат на Шачко тврди дека таа еднаш била претепана од украинската полиција, за време на посета на Путин на Украина.
Изминатите години групата ги суспендираше активностите, делумно поради поделби внатре во групата, а делумно поради судските спорови што се водат против нејзините членки.