Само пет отсто од националните и локалните тур-оператори го промовираат руралниот туризам и нудат посети и сместувања во рурални средини низ Македонија. Сопствениците на објекти пак мака мачат со обезбедувањето работна рака и тешко успеваат да стигнат до државните субвенции.
Ова го покажува најновото истражување на Рурална коалицијатражувањето на Рурална коалиција спроведено од 1 февруари до 31 јули годинава во сите осум плански региони.
Според истражувањето, 96 отсто од сопствениците на капацитети во руралните средини не знаат дека постои стратегија за рурален туризам и не се информирани дека можат да користат субвенции од државата.
– Поради немање информации, сопствениците на капацитети за рурален туризам речиси воопшто не користат поддршка од државата па така, во последните три години, пропаднаа проектираните пет милиони денари за оваа намена што можеа да се земат преку Министерството за економија – изјави Лилјана Јоноски од Рурална коалиција.
Според неа, тоа е само еден проблем со кој се соочува секторот.
– Немањето инфраструктура, недоволната соработка со општините, немањето координиран пристап на локално и државно ниво, како и неисполнувањето минимум стандарди се само дел од причините – оцени Јоноски.
Сето тоа влијае руралниот туризам е една од неразвиените стратешки гранки во земјава.
Сопствениците на капацитети, освен на немање инфраструктура, се жалат и на недостиг од квалификувани работници. Во земјава има само по еден вработен на капацитет иако на европско ниво руралниот туризам директно или индиректно креира над 900 илјади работни места.
– Соработуваме со надлежните институции, посебно со Агенцијата за вработување, но се соочуваме со недостаток на работници. Тие не се доволно едуцирани. Не е како порано кога кадарот имаше завршено специјализирано училиште за угостителство и туризам – вели сопственикот на Горна Куќа во село Слепче, демирхисарско.
Истражувањето на Рурална коалиција покажа и дека предности за привлекување странски туристи во руралните средини се недопрената природа и евтините услуги, но проблем за гостите од странство е недоволната сигурност, високото ниво на корупција и наплаќањето по различни цени.