Деспотовски: Фирмите што добија грант ќе треба да кажат дали имаат функционер сопственик (ВИДЕО)

Компаниите кои аплицираа за грант од Фондот за иновации за 15 дена треба да информираат дали имаат судир на интереси.

546

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска на прес конференција ги повика компаниите  кои аплицирале за првиот грант за иновации и технолошки развој во наредните 15 дена да се изјаснат дали во сопственичката структура имаат лица избрани на функции или членови на нивни потесни семејства.

– За компаниите кои ќе декларираат дека во сопственичката структура имаат избрани лица ќе побарам Комитетот за евалуација повторно да ги разгледа апликациите. Но тоа не значи дека Комитетот ќе го послуша моето барање, оти тоа е самостојно тело и одлучува според критериумите кои се сега актуелни и според кои се доделени парите- рече Деспотовски.

Тој додаде дека во првиот повик критериум за сопственичката структура не постоел, туку имало критериум дали сопствениците се државјани на Република Македонија.

– Компаниите кај кои ќе биде утврден судир на интереси ќе треба самите да одлучат дали ќе ги повлечат апликациите – рече Деспотовски.

Тој рече дека сѐ уште не се склучени договорите со фирмите и не се исплатени планираните финансии.

-Да сакавме нешто да сокриеме ќе ги склучевме договорите – рече Деспотовски.

Директорот на фондот за иновации најави дека за наредниот конкурс за аплицирање ќе се воведе критериум според кој секоја компанија ќе мора да поднесе информациија за тоа дали има судир на интереси.

Прес-конференцијата на директорот на Фондот за иновации и технолошки развој се одржа по низата реакции на граѓаните и медиумите за распределбата на грантови на фирми во чија сопственичка структура се јавуваат владини функционери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...