Владата на денешната седница ќе расправа за повеќе прашања од економската сфера.
На дневен ред е предлогот на Дирекцијата за ТИР-зоните за давање согласност за склучување договор за доделување државна помош на Друштвото за производство, трговија и услуги БАУМЕР Скопје.
Владата ќе одлучува и за нацрт-договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во индустриската зона Струга на Трговското друштво за производство, трговија и услуги РЕЧИ Ентерприсес Струга.
На предлог на ЈП Македонски железници-инфраструктура ќе се разгледа информација за процесот на експропријација на земјиште кое е потребно за реализација на проектите за реконструкција и изградба на железничката пруга од источната делница на Коридор 8 (Куманово – Бељаковце – Крива Паланка – Р. Бугарија).
Пред министрите ќе биде и информацијата за потпишување Договор помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија од областа на безбедност на храната и ветеринарство и Договор помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Србија од областа на безбедност на храната.
Владата ќе ја разгледува и предлог-одлуката за утврдување на вишокот средства од акумулираната добивка на ЈП Службен весник и уплата на тие средства во Буџетот на Република Македонија, а исто така ќе се одлучува и за обезбедување средства за финансиска поддршка и развој на вршење дејност на ЈП „Агро-берза“.
На седницата ќе се разгледува и извештајот за работата на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за првите шест месеци од оваа година, извештајот за финансиското работење на АД за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Македонија.