Американскиот Стејт департмент соопшти дека САД утврдиле дека Пјонгјанг очигледно користел хемиско оружје во нападот извршен минатата година, кога беше убиен полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Џонг-нам.
Стејт департментот не наведува објаснување за таквиот заклучок, кој е објавен повеќе од година дена по убиството на полубратот на Ким Џонг- ун, кој почина на меѓународен аеродром во Малезија во напад во кој, како што соопштија тамошните власти, бил користен нервен агенс Ве-Икс (VX ).
Заклучокот дека некоја земја користела хемиско оружје повлекува со себе рестрикција на американската финансиска и воена помош, а Северна Кореја е веќе под остри санкции од САД.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во јануари говореше дека САД знаат оти Пјонгјанг користи хемиско оружје.
Се верува дека Северна Кореја во минатото ги снабдувала Сирија и Либија со технологија и опрема за производство на хемиско оружје.