Македонија и Србија викендов треба да ги продолжат разговорите околу увозот на српско брашно во земјава. Доколку не биде постигнато заеднички прифатливо решение, како што најави вчера министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, Србија ќе воведе контра мерки.
– За да не се воведат контра мерки како единствена алтернатива ако не биде постигнат договор, Mакедонија и Србија на секој начин ќе се обидат да дојдат до заеднички прифатливо решение – нагласи Љајиќ и додаде дека од контра мерките штета ќе имаат стопанствниците од двете страни, а ќе бидат загрозени и севкупните билатерални односи меѓу Србија и Македонија.
Тој вчера не дојде во Скопје на закажаната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Рече дека состанокот е одложен зашто со Николовски не постигнале согласност околу повлекувањето на „спорниот Правилник за обележување на брашното со кој на српските мелничари им е отежнат извозот на пазарот во Македонија“.
Македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), пак, во врска со најавената средба кусо соопшти дека е одложена и дека разговорите меѓу двајцата министри ќе продолжат следните денови.
– Двајцата министри се одлучни и посветени на изнаоѓање долгорочни решенија, во духот на почнатиот Берлински процес, кој води кон создавање услови за заеднички пазар. Засегнатите страни се информирани дека со измените на Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање на контролни маркички за означување брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз на брашно од странски земји во Република Македонија – информира МЗШВ.
Но, српскиот министер Љајиќ беше попрецизен. – Имајќи предвид дека не дојдовме до одржливо решение и до предлог-спогодба, нема причина денеска да патуваме во Скопје. Договорено е во текот на викендот да ги продолжиме усогласувањата за да дојдеме до спогодба која на долгорочен и систематски начин ќе го реши проблемот со извозот на брашно од Србија во Македонија, изјави Љајиќ.
Николовски и Љајиќ во телефонски разговор во понеделникот се согласија дека воведувањето какви било нетарифни бариери, мерки и контрамерки ќе има штетно влијание врз размената на стоки, дека е неопходно проблемот да се реши и дека е во интерес на стопанствата на двете земји протокот на стоки, луѓе и услуги да се одвива непречено.
Според македонските мелничари, пак, проблемот со брашното го поттикнаа македонските трговци. Мелничарите се чудат зошто Србија воопшто реагира кога во суштина и досега важеле истите услови за извоз. Сега е сменет само нивниот редослед.
– Србија регаира по лажна информација. Не знае дека Македонија всушност не става никакви бариери, ниту некому забранува да извезува колку сака. Единствено го смени редоследот на потполно истите, одамна дефинирани и досега важечки услови за увоз – потенцираат од здружението „Агромел“ во кое членуваат 10 млинари и преку 500 земјоделци и од Здружението на мелничко-пекарската индустрија.
Во тоа, велат, е и суштината на Правилникот кој стапи во сила на 8 февруари годинава и по кој настана проблемот. Наместо да се ставаат маркички на брашното уште во Србија (или која било друга земја) од страна на извозниците пред тоа да стигне на македонска граница и да се пушта во промет веднаш по влезот во Македонија, сега маркички ќе се ставаат откако целосно ќе заврши контролата за здравствена исправност, безбедност и квалитет и дури тогаш брашното ќе се пушта во промет“.
– Тоа значи дека најпрво, уште на граница ќе се земат мостри од брашното за анализа, пред тоа да влезе во Македонија, а потоа увезените количини ќе се транспортираат и складираат во регистрираните магацини во земјава. Таму ќе се чекаат резултатите од анализите на мострите и додека не се добијат, брашното не смее да се пушта во промет – објаснија од „Агромел.
И МЗШВ пред неколку дена соопшти дека не се работи за нов Правилник, туку за усогласување на постојниот за да се гарантира безбедност и квалитет на увозното брашно, како и да се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка.
Притоа, нема никакви дополнителни финансиски трошоци за увозниците. Од почетокот на годинава дури е намалена и цената за маркичките: за А маркичка (за пакување од еден, два и пет килограми брашно) од 0,5 на 0,2 денара, а за маркичка Б (за 25 и 50 килограми, како и за рефус, од 1,5 денари на 0,2).
Оптимист дека ќе се најде решение за брашното е и премиерот Зоран Заев. Тој во неделата, на 25 февруари, рече и дека не очекува поскапување на лебот поради проблемите со кои се соочуваат мелничарите. Заев во оваа прилика оцени дека државата мора да интервенира.
– Јас на решението гледам преку модерните мерки што ги употребуваат земјите како што се складишните белешки кои се како вредносни хартии. Се работи за можност кога преку давање складишна белешка, производителите на жито да можат да ги претворат во пари заради сеидбена сезона, а продажбата на житото да се случи кога цената на житото е повисока. Таквите механизми се решенија за оваа проблематика за да може да имаме доволно задоволни и доволно мотивирани производители на жито, а тоа да нема влијание врз севкупната цена на лебот – истакна Заев.
Во саботата, пак, на 24 февруари, деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад ги обвини македонските власти дека „со воведените мерки придонеле увозот на брашно од Србија да биде речиси неисплатлив“. Здружението поднесе иницијатива до министерот Љајиќ „на Македонија веднаш да и се воведат реципроцитетни мерки за одредени производи од особено значење за македонската страна“.
Правилникот за брашното е донесен пред осум години, а се менува сега зашто постои волја кај институциите, велат мелничарите. Досега, според нив, српски камиони го транспортираа увезеното брашно низ Македонија што е апсолутно недозволиво, а се складираше и кај се стигне. Сега се става ред на се, со што се подобрува контролата на здравстената исправност на брашното.
Проблеми со увозот на српско брашно има речиси секоја година, но вообичаено во септември.
За српските производители, Македонија е трет извозен пазар на кој годишно пласираат 45.000 – 50.000 тони брашно.