Процесот на усвојување на закони служи за постигнување на една многу важна цел – а тоа е да се слушнат ставовите, мислењата и предлозите на сите засегнати страни. Изразот засегнати страни не е празна флоскула, поле кое треба да биде пополнето во формуларите кои се задолжителни во процесот на подготвување на законите, туку реални субјекти, страни на кои овој пропис кој се донесува или менува најдиректно ќе има ефекти и кои ќе треба да постапуваат согласно тоа што ќе биде регулирано.
Скратената постапка, во суштина значи редуцирање на потребните дејствија во процесот на предлагање на законот, што во реалноста најчесто значи дека бизнисот дознава дека ќе се менува некој пропис од медиумите, кога веќе текстот на предлогот ќе биде доставен во Собранието (а неретко станува збор за промени кои имаат сериозни импликации или кои воведуваат големи промени). А тоа за жал, во изминатите години се случуваше премногу често – само во 2015 година по скратена постапка биле разгледани и донесени 340 закони, или дури 56 отсто од вкупниот број на донесени закони таа година, во 2016 во ваква постапка биле донесени 238 закони, или 65 отсто од вкупниот број на закони, а трендот продолжува и во 2017 – иако бројките се значително намалени, просекот останува – од 42-та донесени закони, 57 отсто, или вкупно 24 закони биле донесени по скратена постапка.
Зошто е ова важно? Затоа што широките јавни расправи и обезбедувањето прилики да се слушне ставот на повеќе страни, иако во моментот ќе значи подолго траење на постапката за донесување на тој пропис, долгорочно носи значително големи придобивки. Практиката ни покажа дека носењето на законите набрзина значи нејаснотии и недоследности во самиот текст на прописот, но многу често носи и одредби што се практично неприменливи, што со себе повлекува процеси на повторно менување и дополнување на тие закони, и така во недоглед. Затоа, време е носењето на закони по скратена постапка да стане многу, многу редок исклучок, и да се остави простор гласот на бизнис заедницата да биде слушнат во процесот на донесување на законите!
П.С. По сѐ изгледа дека државата реши да го надомести заостанувањето во реализацијата на капиталните инвестиции со интензивирањето на работата на мостовите на патот кон Охрид во сред туристичка сезона – без да води сметка дека километарските колони кои се создаваат за толку ќе го намалат туристичкиот промет во Охрид, а за другите последици и да не зборуваме.