„Барбери“ запали 30 милиони евра

Управата на луксузниот бренд открила дека облеката ја палат, бидејќи сакаат да го заштитат своето интелектуално сопствеништво и вредноста на брендот, а не сакаат ниту, пак, нивната облека да ја носат „погрешни луѓе“, кои до неа дошле на сивиот пазар по премногу ниски цени.

753

Британската модна куќа „Барбери“ запалила облека и модни додатоци вредни 28 милиони фунти (31.434.361 евро), што е еквивалент за нивните 20.000 препознатливи капути.

Премногу скап

Како што пишува британски „Тајм“, оваа луксузна модна куќа тоа го направила лани, а количината на несаканата облека што е запалена е шестпати поголема од пред пет години.

Акционерите се незадоволни од овој тренд и сметаат дека дел од таа облека би требало да им биде понуден ним за откуп.

Управата на луксузниот бренд открила дека облеката ја палат, бидејќи сакаат да го заштитат своето интелектуално сопствеништво и вредноста на брендот, а покрај тоа, не сакаат ниту, пак, нивната облека да ја носат „погрешни луѓе“, кои до неа дошле на сивиот пазар по премногу ниски цени.

Аналитичарите велат дека дел од проблемот е во тоа што „Барбери“ е премногу скап на азиските пазари, а посебно на кинескиот. Најевтиниот ранец чини 950 фунти (околу 1.066 евра). Иако од „Барбери“ најавиле намалување на цените во Кина за четири отсто, прашање е дали тоа ќе биде доволно да ги привлече купувачите.
„Барбери“ нагласува дека создавањето на отпадот го сфаќаат многу сериозно, но дека годинава го имало невообичаено многу, бидејќи нивната линија за убавина ја купила козметичката компанија „Коти“, па морале да ја уништат целата онаа со стара амбалажа. Тука спаѓале главно парфеми во вредност од 10 милиони фунти.

Донациите не ги разгледувале

На прашањето зошто непродадената облека на „Барбери“ едноставно не е донирана, нагласуваат дека 120 тони кожена облека дале на „Елвис и Кресе“ за да ги претворат во модни додатоци, а половината од профитот што ќе го заработат на тоа ќе оди во добротворни цели.

И додека некои купувачи сметаат дека станува збор за логичен потег, бидејќи кој би издвојувал толку пари за облеката на „Барбери“ ако сите би ја носеле, други мислат дека би било попаметно да им ја дале на оние на кои им е најпотребна.

– Зошто едноставно не ја дале на сиромашните, кои би ја носеле со години? Ситуацијата во која луѓето се смрзнуваат, бидејќи не можат да купат облека, а тие тони и тони палат, е едноставно одвратна. Повеќе никогаш нема да купувам кај нив! – е коментарот на една Британка.

Уништени 400 милиони фунти

Оваа година се дознало и дека „Ричемонт“, компанијата што во своето сопствеништво ги има „Картие“ и „Монтбланк“, уништила часовници во вредност од 400 милиони фунти, и тоа најмногу откако се расчуло дека во Кина ги користат за поткупување на полицајците.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...