САД го отфрлија денеска предлогот на Русија, за судбината на источна Украина да се одлучи по пат на референдум. САД сметаат дека референдумот нема да е легитимен, бидејќи реонот не е под контрола на украинската влада.
Предлогот се појави деновиве по самитот меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, кој се одржа во понеделникот во Хелсинки.
– Администрацијата не планира да поддржи референдум во источна Украина – изјави Гарет Маркис, портпарол на Советот за национална безбедност при Белата куќа.
Од Белата куќа подвлекоа дека мировниот договор од Минск , потпишан во 2015 година, не вклучува можност за референдум.
Се очекува европските сојузници на САД, исто така, да се спротивстават на референдумот во Донбас, кој е под власта на проруски сепаратисти.
Според неименувани лица, кои присуствувале на изјавата на претседателот Путин пред руските амбасадори и постојани претставници во Москва, во Хелсинки рускиот лидер предложил одржување референдум за решавање на конфликтот во источна Украина.