Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ во Куманово во летните месеци бележи зголемен обем на работа во однос на зимскиот период, за приближно 20, 30, во одредени денови и за 40 проценти, информираше денеска директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.
Обемот на работатa, според проценките на надлежните се должи, пред се, поради зголемениот број на домаќинства, особено во првата зона од градот, поради враќањето на печалбарите во летните месеци како и поради засилената флуктација на населението во градот.
– И покрај тоа што има поголема количина на смет, редовно се изнесува и нема поголеми проблеми во однос на собирањето и депонирањето. Сметот во централното градско подрачје се изнесува три пати дневно. Контејнерите постојано се полнат. Наидуваме на реакции од возачите, но навистина е приоритетно при зголемени температури и при ваква флуктација на населението почесто да се празнат контејнерите – вели Стојчевски.
Во првата и втората смена, како што појасни, ангажирани се по дванаесетина камиони за депонирање и изнесување на смет. Воедно, ангажирана е дополнителна механизација која е наменета за собирање на смет од тесните улици од градот. Програмата за чистење која е донесена од советот на општина Куманово, целосно се применува. Во ноќните часови со цистерната се мијат и улиците, пред се главните и булеварите во Куманово и градскиот плоштад.
На подрачјето на Куманово има поставено околу 1.000 контејнери дел од нив набавени неодмана со останата урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци, информативни табли со пораки за заштита на животната средина, која ја набави општина Кумановo.