На „Скопско лето“ изложба инспирирана од играчките и роботите

63

„Играчки и роботи во книгите на уметниците – пергамент концертина“ е насловена изложбата која вечер од 20 часот во рамки на „Скопско лето“ ќе биде отворена во НЛБ Галерија. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ја организира во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Авторка на изложбата е Лепосава Милошевиќ-Сибиновиќ, академски скулптор и сликар од Србија, за која играчките и роботите се ликовна инспирација. Учесници во проектот се уметници од Србија, Македонија, Франција, Мексико, Шпанија, Унгарија, Бугарија, Ерменија, Куба, Хрватска, Канада, Русија.

Според авторката, човековата потреба за играње е стара колку и човекот и е поврзана со разни предмети – од едноставни, пронајдени во животната средина, до комплексни современи електронски уреди. Играчките се неразделен предмет при растењето, но се и културен показател за времето во кое биле (постоеле) или се  уште се актуелни.

– Малиот човек се идентификува со својот омилен предмет, а честопати во подоцнежните години го чува како симбол на вечен спомен од детството. Во директен контакт со играчките, се стекнува искуство и вештина, се развива имагинацијата, негува желбата за надминување на пречките, се поттикнува натпреварувачкиот дух но и креативен потенцијал. Сето ова е од суштинско значење за разбирање на емоционална и психолошка состојба на детето, за подоцна да стане потпора  во животот – наведува авторката Милошевиќ-Сибиновиќ.

На програмата Кафе-кино, пак, вечер од 21 часот во Сули ан е романтичната комедија „Париз може да почека“ во режија на Еленор Копола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...