Вработени од ФЗЦ „11 Октомври“ на протест пред Владата

313

Вработени од ФЗЦ „11 Октомври“ денеска протестираа пред Владата изразувајќи незадоволство од, како што велат, нерешавањето на случајот со отпуштањето на 120-те работници, кои не сакале да потпишат анекси кон договорите за вработување.

Како што велат од Синдикатот на индустријата, енергетика и рударство (СИЕР)Државниот инспекторат за труд во последните три месеци има издадено решенија за незаконитости во фабриката, но оти работодавачот поднесува приговори до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор која е разрешена веќе неколку месеци така што нема кој да одлучува.

– Работодавачот го откажа колективниот договор, предлагајќи потпишување нов со намалени права и примања за работниците, кои тоа не го прифатија, сметајќи дека нивните плати се и онака неприфатливо ниски. Рабодавачот понуди анекси кон договорите за вработување заради отстранување на коефициентот на сложеност на работните места (платите се израмнети на ниво на минималната согласно закон до коефициент 1,40) кои работниците не сакаа да ги прифатат. Под притисок пред отказ, дел од нив на крајот ги потпишаа анексите, а околу 120 работници не ги потпишаа. Тие добија отказ на договорот за вработување со понуда на истиот анекс на договорот, посочуваат од СИЕР.

На средбата што ја одржаа попладнево претставниците на Синдикатот со вицепремиерот Кочо Анѓушев, како што соопштија од неговиот Кабинет, им било укажано дека Владата ги поддржува во остварувањето на нивните работнички права, во согласност со позитивните законски прописи кои важат во Република Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...