Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со претставници од Владата на Република Македонија, одржа работен состанок со претставници од винарските визби и со лозарите. Темата на состанокот беше моменталната состојба во лозарството и винарството,со посебен акцент на претстојната берба и откуп на грозје. Ова е само еден од низата состаноци кои изминатиов период беа одржани, а се со цел навреме да планира производството и откупот.
Министерот Николовски посочи дека обврска на МЗШВ како ресорно министерство е да создаде услови за непречен откуп и стабилни откупни цени, поволен амбиент и за винарниците и за лозарите, и дека тоа се постигне само преку навремени и редовни средби со винарниците и лозарите.
– Како Влада и министерство силно сме фокусирани на создавање модерно лозарство, наша цел беше да ги ислушаме потребите на македонските лозари и винарските визби, најпрво моравме да ги обезбедиме средствата од минатите години кои не беа исплаќани на земјоделците, како и во тековниот период да обезбедиме средства и механизми со цел да направиме добра подлога за понатамошно развивање на овој сектор и секако во насока на промоција на македонското вино се посетуваат меѓународни саеми за вина и издвојуваме средства за организација на настани кои овозможуваат меѓународно преставување на македонското вино и зголемување на извозот – истакна министерот Николовски
Министерот потенцира дека субвенциите за лозарството од Програмата за финансиска поддршка за 2017 година со која за 10 отсто беше зголемена основната субвенција, се во целост исплатени навреме пред почетокот на новата производствена сезона. Односно за одржување на лозови насади се исплатени над 745 милиони денари и за дополнителните субвенции од 2 денари за предадено грозје односно над 134 милиони денари. Откупеното грозје од реколтата 2017-та од страна на винарските визби е целосно исплатено. Просечната откупна цена на винското грозје во 2017 година е 13,67 денари за килограм, што претставува зголемување од 11,5 отсто во споредба со 2016 година кога била 12,27 денари за килограм. Ова е највисоката просечна откупна цена во последните шест години. Оваа година се очекуваат повисоки откупни цени на грозјето, пред се поради зголемената побарувачка на глобалниот пазар. Винарските визби немаат залихи и најавуваат откуп од близу 143 милиони килограми.
Според проценките на МЗШВ и на винарските визби, оваа година се очекува да биде поволна од аспект на извозот и вредност на извозот, ако се има во предвид дека заклучно со април годинава вкупниот извоз на вино од Македонија бележи пораст од 8 отсто по количина и 11 отсто по вредност, додека просечната цена по единица мерка бележи пораст од 3 отсто, споредено со истиот временски преиод во 2016 година.
Николовски посочи дека МЗШВ интензивно работи на развој на оваа извозно оринетирана гранка. Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се повисоки субвенциите за одржување на лозови насади за они кои имаат од 1 до 10 хектари, односно за лозарите со развоен потенцијал, или наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар. Исто така се воведе нова дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади, за промена на сортимент, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста.
Владата на Република Македонија, заедно со МЗШВ и во следниот период ќе ја следи состојбата на терен, односно бербата и откупот, посебно во делот на почитување на договорите и навремена исплата на откупениот род.