Регионалната комора со седиште во Битола при Стопанската комора на Македонија во соработка со Општина Битола и Управата за јавни приходи на Република Македонија, на 18.07.2018 година одржа средба со локални компании и спортски клубови. Целта на оваа средба беше активирање на приватните компании во општините дел од добивката да ја наменат за финансирање на спортските клубови, генерално за развој на спортот, при што ќе добијат одредени законски ослободувања, како и информации за други прашања од областа на даночната проблематика.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски посочи дека оваа средба е организирана да се иницира зголемено активирање на приватните компании во регионот за соработка со спортските клубови, во функција на развој на спортот, при што, од друга страна, компаниите ќе се запознаат со законските прописи по однос на даночните ослободувањата.
Претставниците од регионалната дирекција на УЈП на присутните им ги презентираа деталите на Закон за донации и за спонзорства во јавните дејности како и Закон за донации и за спонзорства во спортот. Беше истакнато дека со овие закони се уредуваат основите и целите на давање и примање донации и спонзорства, предметот на донации и спонзорства, користењето на истите, евидентирањето и контролата на донациите и спонзорствата во јавните дејности и сл.
На средбата, членовите на Регионалната комора со седиште во Битола се запознаа со постапката и начинот на давање и примање на донација, односно спонзорство, како и видовите на даночни поттикнувања. Спортските клубови пак се запознаа со можностите кои што ги нуди државата во насока на развој на оваа дејност.
Регионалната комора со седиште во Битола и во иднина ќе организира средби од овој вид на кои стопанството од регионот ќе се запознае со тековните прописи во сферата на даночната политика и истовремено ќе го поддржува развојот на единиците на локалната самоуправа.