Одлуката од страна на Владата на Косово за воведување времена мерка за воспоставување на зголемена царина од 30 отсто за одредени увозни земјоделски производи (овошје и зеленчук) не e во согласност со заеднички зацртаните цели, како што се брз проток на стока и отстранување на царинските бариери, дефинирани преку Берлинскиот процес, оценуваат од Министерството за земјодлество (МЗШВ).
Оттаму информираат дека активно се работи на заедничкиот Меморандум за соработка помеѓу македонското и косовското Министерството за земјоделство, кој што треба да придонесе за олеснување на трговската размена помеѓу двете земји.
– Очекуваме Владата на Косово да ги земе предвид придобивките од започнатиот Берлиснки процес и низ една заедничка дискусија преку разгледување на сите анализи и факти, да дојдеме до заедничко решение, кое што ќе подразбира олеснување на трговската размена во регионот – велат од Министерството за земјоделство.
Од македонска страна сите ресорни министерства, МЗШВ, Министерство за економија и Царинската управа работат на анализи на ефектите од мерката и многу брзо ќе излезат со реакција во однос на воведената мерка, за што ќе бидат известени и членките на ЦЕФТА.
– Наша обврска како ресорно министерство е да го заштитиме домашното производство и извозно оринетираните земјоделски производи – велат од МЗШВ.
Инаку, се работи за времена мерка која што е насочена кон сите држави кои извезуваат во Косово, и ќе трае 3 месеци.
Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово во периодот од јануари до јуни изнесува над 2,5 милијарди денари.