ССК бара поголема соработка со странските инвеститори

Од Владата најавуваат дека ќе продолжи проактивниот однос со бизнис секторот и финансиската поддршка како за странските, така и за домашните компании.

60

Домашните компании да соработуваат со странските, особено со оние кои користат повисоки технологии, што ќе им овозможи зголемување на нивната конкурентност и продуктивност, апелираат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според потпретседателот на Сојузот на стопански комори Александар Милошевски, соработката со странските компании носи низа бенефити како што се новите технологии кои можат да ги искористат микро, малите и средни претпријатија кои имаат лимитирани извори на инвестиции.

– Влезот на странските инвестиции може да биде поголем за македонското стопанство ако при нивното работење во државата се инсистира на поголемо вклучување и соработка со македонските компании – рече Милошевски на денешната средба на Управниот одбор на ССК со министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска.

Од Владата најавуваат дека ќе продолжи проактивниот однос со бизнис секторот и финансиската поддршка како за странските, така и за домашните компании. Како позитивен сигнал се оценува и поканата за членство во НАТО и започнатите преговори со ЕУ со кои Македонија добива економска стабилност и се очекува експанзија на инвестициите.

– Бугарија ги триплицираше инвестициите, а Албанија го има удвоено инвестирањето по влезот во НАТО. Ваквите процеси и економски ефекти се манифестираа и во Чешка, Естонија и други земји кои влегоа во семејството на ЕУ – посочи Апостолска.

Во однос на продуктивноста на трудот податоците за Македонија покажуваат дека таа е е меѓу најнепродуктивните држави. Според последните податоци на Народна банка на Република Македонија, продуктивноста на трудот е намалена за 2,1 процент за една година.

Податоците на „Еуростат“ укажуваат дека еден работник за еден час во Македонија создава само 42,9 проценти додадена вредност од просекот што го прават работниците на ниво на Европската унија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...