Бројот на приговори на корисниците на електронски комуникациски услуги во Македонија бележи зголемување во однос на 2017 година, се наведува во денеска објавениот извештај на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Според телефонската анкета спроведена од 31 мај до 14 јуни годинава кај 1100 испитаници, граѓаните он лајн најмногу приговарале за услугата интернет ( 32,6 отсто), потоа за телевизија (22,5 отсто) од домаќинствата во кои се користи услугата од оператор, па за фиксна телефонија (12,5 отсто) од корисниците и 11,8 отсто за услугата од мобилна телефонија.
Писмени приговори, пак, поднеле најмногу корисниците на фиксна телефонија – 1,9 отсто, по нив следуваат домаќинствата во кои се користи услугата интернет со 1,7 отсто и услугата телевизија со 1,4 отсто од домаќинствата во кои се користат тие услуги. За мобилна телефонија се приговарало најмалку и со писмени приговори, односно 1,1 отсто од домаќинствата.
Анализата покажува дека споредено со претходната година, кај секоја од електронските комуникациски услуги има благо зголемување на корисниците со исклучок на телевизијата која постепено опаѓа.
Мнозинството од корисниците се задоволни од цените и од квалитетот на услугите. Граѓаните се најзадоволни од услугата во фиксна телефонија (85 отсто), па од телевизијата (76 отсто), мобилна телефонија (76 отсто) и најмалку од интернетот (74 отсто).
Генерално, задоволството од цените на телекомуникациските услуги во 2017 година бележат благ раст во однос на претходната година, освен кај услугата телевизија, каде се намалува задоволсвото од претходната 2017 година за девет проценти. Најголемо задоволство од цените се забележува кај корисниците на фиксна телефонија (79 отсто), по што следуваат корисниците на интернет (71 отсто), па корисниците на мобилна телефонија и телевизија со по 70 отсто.
Лојалноста е највисока кај корисниците на услугата мобилна телефонија, односно 76,4 отсто од испитаниците се изјасниле дека доколку моментно треба да одберат оператор, би останале на истиот оператор. По нив следи услугата фиксна телефонија, за која 74,4 отсто од корисниците би останале на истиот оператор, кај услугата интернет каде 71,3 отсто од корисниците се изјасниле дека би останале на истиот оператор, додека лојалноста е најниска кај корисниците на услугата телевизија – 66,5 отсто од испитаниците би останале на операторот што го користат.