Али Акбар Салехи, директорот на иранската Организација за атомска енергија, изјави дека Исламската Република има 950 тони ураниум во своите резерви, односно 400 тони повеќе отколку што имаше во 2015 година, кога беше потпишан Договорот за иранската нуклеарна програма.
Според Салехи, Иран ги увезол овие дополнителни количества ураниум по потпишувањето на Договорот, и има доволно за да ја постигне својата цел и да инсталира 190.000 центрифуги за збогатување ураниум.
Според Договорот, чија иднина е неизвесна откако САД се повлекоа од него, Иран смее да збогатува ураниум до 3,67 проценти, што е доволно ураниумот да се користи како гориво, но не и да се употребува во нуклеарно оружје, каде е потребен високо збогатен ураниум.
Иранците не се откажаа од Договорот по повлекувањето на САД и работат со европските земји за да видат дали е можно Договорот да опстане, но најавија дека ќе ги зголемат своите капацитети за збогатување на ураниум, со цел да вршат натамошен притисок врз западните земји.
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET