Што сѐ треба да знаеме за замастен црн дроб

Еден поширок прифатен начин на лекување е во елиминација на потенцијалните причинители и ризик фактори. Тоа вклучува прекин на земање на лекови или токсини, слабеење, лекување на покачените масти и шеќер.

8894

Замастен црн дроб или стеатоза е прекумерно трупање на масти во црниот дроб. Причините за замастен црн дроб се многубројни, вклучително различни биохемиски механизми кои предизвикуваат и различни видови оштетувања на црниот дроб. Најчеста причина за замастување на црниот дроб е прекумерната телесна тежина, како и некои метаболни нарушувања како што се дијабетесот, покачените маснотии, особено триглицеридите, уживање во алкохол и тн. Останати причини се: прележена жолтица, замастување на црниот дроб во бременост и тн.

Кога замастувањето на црниот дроб е проследено со покачени ензими (трансаминази – AST, ALT, GGT) уште се нарекува неалкохолен стеато-хепатитис (non ancoholic steatohepatitis-NASH). Стеатозата претставува едноставна масна инфилтрација – трупање на мастите во црниот дроб (кое е бенигна состојба) без зголемување на црнодробните ензими и е многу почеста појава од неалкохолниот стеато-хепатитис кој е посериозна состојба и по долго траење и непреземање мерки доведува до фиброза (замена на здравото ткиво со сврзно ткиво), па дури и до степен на црнодробна цироза.

Неалкохолен стеато-хепатит

Неакохолниот стеато-хепатит е синдром кој се развива кај заболени кои не се алкохоличари, но предизвикува оштетувања на црниот дроб кои хистолошки не се разликуваат од алкохолниот хепатитис. Се развива најчесто кај жени во средна возраст, од кои повеќето имаат прекумерна телесна тежина или зголемено ниво на шеќер или маснотии во крвта. Причината до крај не е разјаснета, но се мисли дека е поврзано со инсулинска резистенција (пр. кај метаболен синдром).
Инсулинска резистенција претставува состојба во организмот кога рецепторите во ткивата не го препознаваат и прифаќаат хомонот инсулин, кој е важен во метаболизмот на шеќерот т.е. има улога да го внесе шеќерот во клетките за да се искористи како енергија. Поголемиот дел на заболените се без симптоми.
Во лабораториските наоди се покачени вредностите на трансаминазите. Дијагнозата се потврдува првично со ултразвучен преглед, а дефинитивно со биопсија на црниот дроб. Се лекува со отстранување на причините и ризик факторите (регулирање на телесна тежина, регулација на шеќерот и маснотиите во крвта, промена во начинот на исхрана).

Неалкохолниот стеато-хепатитис (NASH) се дијагностицира најчесто помеѓу 40-60 година кај оние со прекумерна телесна тежина, оние кои боледуваат од тип 2 дијабет или хиперлипидемии. Стеатозата настанува со трупање на триглицеридите во црниот дроб. Потенцијален механизам на настанување на стеатоза е намалена синтеза на липопротеини и зголемена синтеза на триглицериди во црниот дроб. Воспалението може да настане како последица на оштетување на клеточната мембрана поради пероксидација на липидите. Овие промени може да ги стимулираат клетките на црниот дроб што ќе резултира со фиброза.

Со напредување на состојбата може да настане цироза. Поголемиот број заболени се без симптоми, некои се жалат на замор, општа слабост или тегоби во горниот десен дел на стомакот. Зголемен црн дроб се развива кај околу 75% од заболените, додека зголемена слезенка може да се развие кај пациенти со напредна фиброза на црниот дроб. Заболените од цироза како последица од NASH често немаат симптоми ни знаци за хронична болест на црниот дроб.

Дијагноза

Како најчести лабораториски резултати се покачување на вредностите на аминотрансферазите (AST, ALT). За разлика од алкохолната болест на црниот дроб односот на AST/ALT кај NASH е <1. Вредностите на другите ензими како алкалната фосфатаза (ALP) и гама глутамилтранспептидаза (GGT) понекогаш се покачени. Покачување на билирубините, снижување на протеините-албумини, како и ризик од крвавење ретко се јавуваат.

За дијагнозата се потребни цврсти докази (како што е анамнезата која ја потврдуваат и фамилијата и пријателите) дека консумирањето алкохол не е претерано, на пример <20 гр на ден. Серолошки мора да се исклучи Хепатитис Б и Ц (HBs снтиген и HCV антитела мора да бидат негативни). Биопсија на црн дроб се препорачува кога зголемените вредности на аминотрансферазите траат повеќе од 6 месеци кај болни од дијабетес, прекумерна телесна тежина и покачени маснотии во крвта. Со биопсијата на црниот дроб мора да се докаже оштетување кое е слично како кај оние со алкохолен хепатитис.

Imaging
техники (дијагностички методи со слики) како ултравук, компјутерско снимање, магнетна резонанца може да откријат замастување на црниот дроб. Меѓутоа со овие техники не може да се идентифицира стеато-хепатитис и не може да се разликува неалкохолен стеато-хепатитис од другите причини за замастен црн дроб.

Прогноза и лекување

Прогнозата е различна. Најчесто не се развива слабост на црниот дроб и цироза, меѓутоа некои лекови, на пример, цитотоксичните, како и метаболните нарушувања го забрзуваат развојот на NASH. Прогнозата честопати е добра доколку не се појават компликации (на пример, крвавење од проширени вени-варикозитети на хранопроводот).

Еден поширок прифатен начин на лекување е во елиминација на потенцијалните причинители и ризик фактори. Тоа вклучува прекин на земање на лекови или токсини, слабеење, лекување на покачените масти и шеќер.

Горан Николов е специјалист интернист, супспецијалист кардиолог во ПЗУ „Центар за внатрешни болести – Срце“

ул. „Дренак“ бр. 6, 1000 Скопје
Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208
www.srce.com.mk
E-mail: srce@srce.com.mk
FB: CentarZaVnatresniBolesti
Ig: Srce-centarzavnatresnibolesti

(промотивен текст)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...