САД го отфрлија барањето на Европската унија некои од нејзините клучни компании да не подлежат на санкциите кои Америка ги воведе за фирмите што работат со Иран.
ЕУ, како и министри од Германија, Франција и Велика Британија, минатиот месец побараа од САД од списокот на тие компании да се избришат оние кои работат со Иран во секторите на здравството, финансиите, енергијата и производството на автомобили.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео и минстерот за финансии Стивен Мничин го отфрлија ова барање, јави Ен-Би-Си Њуз.
– Сакаме врз иранскиот режим да извршиме финансиски притисок без преседан – се наведува во одговорот на двајцата министри и се додава дека САД ќе направат исклучоци само ако се од полза на американските национални интереси.
Ова одбивање е во согласност со зголемениот притисок кој администрацијата во Вашингтон го врши врз европски и други земји со цел да ги прекинат економските врски со Иран поради, како што тврдат САД, поддршка за тероризмот и ширење нестабилност на Блискиот Исток.
Европските држави се трудат да ги заштитат своите компании кои работат со Иран откако администрацијата на Доналд Трамп на почетокот од годината се повлече од нуклеарниот договор со Техеран.
Со тој договор беа укинати меѓународните санкции кон Иран во замена за согласноста на Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма и да прифати сеопфатни контроли.
Повлекувањето на Америка од договорот значи дека европските компании кои почнале да работат со Иран по укинувањето на меѓународните санкции, сега ќе подлежат на американски санкции и ќе бидат исклучени од финансискиот систем со кој доминира САД.
Првиот пакет американски санкции кон Иран стапуваат на сила во август, а оние што се однесуваат на извоз на нафта во ноември.