Трамп и Путин: Од денеска сѐ се менува

1147

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека односите меѓу двете држави никогаш не биле полоши, но дека се се променило од пред околу четири часа. Тој нагласи дека разговорите со рускиот претседтаел Владимир Путин биле „директни, отворени и длабоко продуктивни“.

– Несогласувањата меѓу нашите две земји се добро познати, и претседателот Путин и јас денеска нашироко разговаравме за тоа, нагласи Трамп. Тој оцени дека САД и Русија мора да пронајдат начин да соработуваат во корист на заедничките интереси и оти продуктивен дијалог меѓу нив е добар за обете земји, но и за светот.

Американскиот претседател рече дека не гледа причина да верува дека Русија ги хакирала претседателските избори во 2016 година за да му помогне да победи, а Владимир Путин „беше исклучително силен и моќен во неговото негирање денеска”.

– Претседателот Путин беше исклучително силен и моќен во неговото негирање денеска – рече Трамп на прес-конференција по средбата со Путин во Хелсинки.

Трамп истакна дека на средбата станало збор и за ситуацијата во Сирија, потенцирајќи дека соработката со Русија во однос на тоа прашање би можела да спаси „стотици илјади животи“.

– Претседателот Путин, исто така, му помага на Израел. Обајцата разговаравме со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а и тие исто така сакаат да направат одредени работи во врска со Сирија, а кои се однесуваат на безбедноста на Израел – објасни американскиот претседател.

Трамп оцени дека денешниот ден бил многу успешен. Тој е убеден дека Путин и Русија сакаат да стават крај на проблемот со ширење на нуклеарното оружје.

– Мислам дека сите бевме будалести и дека требаше да го водиме овој дијалог многу порано. Имаме можност да направиме нешто големо. На пример, работиме на запирање на ширењето на нуклеарно оружје – истакна Трамп.

– Смешно е што 90 отсто од нуклеарното оружје го поседуваат Русија и САД – истакна американскиот претседател.

Од своја страна, рускиот претседател Владимир Путин оцени ддека односите на Русија со САД се во „тешка состојба“, но се надева дека двете страни сега подобро се разбираат.

– Задоволни сме од разговорите. Јасно, останаа некои предизвици. Се надевам дека сега подобро се разбираме едни со други – изјави рускиот претседател.

Путин нагласи дека Русија не се мешала во американските избори во 2016 година.

– Руската држава никогаш не се меша и нема да се меша во внатрешните прашања на САД, вклучувајќи го и изборниот процес – рече Путин на прес-конференцијата..

Путин потенцираше дека е подготвен да соработува со САД за „да ги анализираат заедно” сите конкретни материјали поврзани со наводното мешање во изборите

– На пример, ние можеме да ги анализираме преку заедничката работна група за сајбер-безбедност, за чие воспоставување разговаравме за време на нашите претходни контакти – рече рускиот претседател.

– Денес, САД и Русија се соочуваат со целосно нови предизвици. Тука е опасната нерамнотежа на механизмот на меѓународната безбедност и стабилност, регионални кризи, се поголемата закана од тероризмот и прекугхраничниот криминал, се поголеми проблеми во светската економија, еколошки и други опасности. Во врска со сето тоа е можно здружување на силите. Се надевам дека и американските партнери тоа ќе го сфатат – истакна Путин.

Тој позитивно го оцени влијанието на САД на решавањето на кризата со Северна Кореја.

– Добро е што почна постепено решавање на проблемот на Корејскиот Полуостров. Во голема мера тоа стана можно благодарејќи на тоа што претседателот Трамп лично се вклучи во решавањето на кризата, градејќи дијалог во духот на соработка, а не конфронтација – потенцираше рускиот претседател.

Меѓутоа, тој изрази загриженост поради излегувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран.

– Благодарение на иранскиот договор, Иран стана земја која е под контрола на МААЕ. Тоа обезбедува чиста, мирнодопска природа за иранската нуклеарна програма – истакна Путин.

Путин посочи дека на Трамп му предал документ со предлози за неширење на нуклеарното оружје.

Путин истакна дека Русија и САД треба да преземат водство и да соработуваат за решавање на воениот конфликт во Сирија и хуманитарната ситуација во таа земја.

Тој уште потенцираше дека Русија е заинтересирана за зачувување на мирот на Голоанската висорамнина и безбедноста на Израел.

На крајот од прес конференцијата Путин му фрли во раце на Трамп фудбалска топка и дофрли дека сега „топката е во негови раце“. Трамп таа топка и ја даде на сопругата Меланија која исто така присуствуваше на прес конференцијата.

Денешната средба започна со еден час задоцнување во напната ситуација. Претседателите на САД и Русија разговараа во претседателската палата во Хелсинки два часа и 10 минути – 40 минути повеќе од планираното, а потоа повеќе од еден час и половина разговараа за време на работниот ручек..

Во межувреме беше објавена анкета, според која речиси две третини од Германците сметаат дека Трамп е поголема закана за светскиот мир, отколку Путин.

Поголем дел од вкупно 2.052 испитаници од анкетата на ЈуГов, Меѓународен институт за испитување на јавното мислење со седиште во Велика Британија, велат дека Путин е посимпатичен, покомпетентен и помоќен од Трамп.

Само пет проценти од испитаниците сметаат дека Трамп е покомпетентен за претседател, а 56 отсто тоа го мислат за Путин, додека останатите немаат одговор.

Истражувањето покажало дека мнозинството сметаат дека Путин е помоќен (43 во однос на 25 отсто), иако САД се воено и економски посилни од Русија.

Околу 64 отсто од испитаниците сметаат дека Трамп е поголема закана за светскиот мир отколку Путин – 16 отсто анкетирани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...